Saturday, March 29, 2008

До

Јавните медиуми Скопје, 27.03.2008 година

С О О П Ш Т Е Н И Е

од

ДЕНЕШНАТА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА

НАРОДНАТА БАНКА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Советот на Народната банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.

Советот го разгледа и усвои Извештајот за управувањето и ракувањето со девизните резерви во 2007 година. Притоа, беше констатирано дека девизните резерви на Република Македонија во текот на 2007 година остварија пораст од 107 милиони евра и достигнаа ниво од 1.524 милиони евра. Значајно влијание врз нивото на девизните резерви имаше откупот на девизи на девизен пазар кој го компензираше одливот на девизи од предвремената отплата на дел од надворешниот долг на Република Македонија кон Светската банка, Парискиот клуб на доверители и ММФ, што се изврши минатата година.

Народната банка девизните резерви ги пласираше во инструменти кои се одликуваат со висока ликвидност и сигурност, а истовремено овозможуваат остварување на позитивни пазарни приноси. При управувањето со девизните резерви Народната банка продолжи со зголемување на инвестициите во високо квалитетни хартии од вредност. Нето-приходот од пласирањето на девизните резерви во 2007 година изнесуваше 46,3 милиони евра.

На денешната седница на Советот на Народната банка беше разгледана Информацијата за унапредувањето на Кредитниот регистар на Народната банка на Република Македонија. Кредитниот регистар на Народната банка, кој е воспоставен во 1998 година, претставува база на податоци и информации за кредитната изложеност на банките и штедилниците спрема правни и физички лица (резиденти и нерезиденти). Кредитниот регистар има две основни цели: подобрување на квалитетот на кредитните одлуки на банките и штедилниците и зголемување на ефикасноста на супервизорската функција на Народната банка во доменот на управувањето со кредитниот ризик. Имајќи ги предвид овие цели и потребата за поголема информираност на банкарската индустрија и супервизијата на Народната банка во услови на засилена кредитна активност на банките, Народната банка, пред крајот на 2007 година започна активности за замена на постојниот со нов, унапреден Кредитен регистар. Овие активности претставуваат елемент и на Stand-by аранжманот со ММФ, и се планира тие да завршат до крајот на август 2008 година.

Со овој проект е предвидено:

- значително подобрување на содржината на Кредитниот регистар на Народната банка преку проширување на видот и опфатот на податоци;

- намалување на износот на поединечна изложеност кој се пријавува ( за правните лица - од 500.000 на 300.000 денари за вкупната кредитна изложеност, а за физичките лица - од 150 илјади денари на 5.000 денари по кредитна партија);

- скратување на роковите за доставување и за обработка на податоците и

- скратување на периодот на ажурирање на податоците на кредитниот регистар (месечно ажурирање на податоците, наспроти досегашното квартално известување).

На денешната седница, Советот на НБРМ беше информиран за движењата во економијата. Дефинитивните податоци за платниот биланс за 2007 година покажуваат дека на тековната сметка од платниот биланс е остварен дефицит од 164 милиони евра, или 3% од остварениот БДП (наспроти проекцијата од 2,3%). Во рамки на тековната сметка, трговскиот дефицит достигна 21,2% од БДП (и е повисок во однос на проекцијата за 0,7 процентни поени), додека приватните трансфери кои покриваат 84% од трговскиот дефицит во 2007 година, изнесуваат 17,8% од БДП (што претставува пониско ниво во однос на проекцијата за 0,9 процентни поени). Движењата на девизниот пазар во текот на март се стабилни, при што со состојба на 18.03.2008 година бруто девизните резерви изнесуваат 1.529 милиони евра. Растечкиот тренд на депозитите и кредитите на банкарскиот сектор продолжува и во февруари. Така, вкупните депозити на приватниот сектор кај банките во февруари 2008 година во однос на истиот месец од претходната година се повисоки за 30,5%, при истовремен натамошен пораст на вкупните кредити на банките кај приватниот сектор за 41,4%. По последната промена на референтната каматна стапка на НБРМ на почетокот на март, преку аукциите на благајничките записи на НБРМ реализирано е благо зголемување на нето повлекувањето на ликвидност. Во согласност со своите надлежности, Народната банка продолжува да ги следи ефектите од преземените мерки за стабилизација на инфлациските очекувања и во зависност од добиените податоци за натамошните движења во реалниот и монетарниот сектор ќе ги акомодира мерките и инструментите на монетарната политика.

Kабинет на гувернерот

Thursday, March 6, 2008

До

Јавните медиуми Скопје, 06.03.2008 година

С О О П Ш Т Е Н И Е

на

НАРОДНАТА БАНКА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

На денешната седница, Комитетот за оперативна монетарна политика донесе одлука за зголемување на каматната стапка на благајничките записи на НБРМ од 5,25% на 6%. Оваа одлука за дополнително зголемување на референтната каматна стапка се презема поради натамошното интензивирање на инфлацијата, а особено поради интензивирањето на базичната стапка на инфлација.

Анализирајќи го зголемувањето на годишната стапка на инфлацијата од 8,7% во јануари на 9,6% во февруари, Комитетот констатираше дека и натаму, главен двигател на инфлацијата се цените на исхраната, со годишен скок од 18,7%, или придонес во вкупниот индекс на инфлацијата од 74,5%. Меѓутоа, Комитетот констатира дека податоците за февруари, не само што покажуваат продолжен раст на инфлацијата, туку и јакнење на инфлациските очекувања искажани преку проширување на опфатот на порастот на цените и кај други групи на производи и услуги. Имено, т.н. базична инфлација, која што го исклучува влијанието на растот на цените на исхраната и цените на енергијата врз вкупниот индекс на цените, говори токму за таквото проширување на бројот на производи и услуги со зголемени цени. Така, базичната инфлација во декември 2007 година изнесуваше 1,2%, во јануари оваа година 2,6%, додека пак во февруари се искачи на 3,2%. Тоа истовремено говори дека е во тек постепена материјализација на определени секундарни ефекти врз нивото на инфлацијата, кои доаѓаат од страната на побарувачката, но, исто така, и можна материјализација на психолошкиот фактор, кој, без сомнение, доживува извесна интензификација.

Притисоците од страна на побарувачката главно произлегуваат од интензивираниот пораст на платите скоро во сите сектори на економијата и силниот кредитен раст. Во последниот квартал од 2007 година беше регистриран номинален пораст на просечната исплатена нето плата по вработен од 11,8% и реален раст од 6,6%. Во јануари 2008 година годишната стапка на раст на кредитите на банките за приватниот сектор се искачи на 40%, во чии рамки годишниот раст на кредитите на населението изнесува 56%.

Во последните неколку месеци податоците говорат и дека трговскиот биланс бележи зголемени негативни салда.

Исто така, Советот на Народната банка усвои измени на Одлуката за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот на банките. Со измената е зголемен пондерот на ризичност за искористени пречекорувања по тековни сметки и искористени кредити по кредитни картички од страна на физичките лица, што значи дека банките треба за ваква активност да алоцираат поголем дел од својот капитал. Измената е мотивирана од тоа што во изминатите две години најбрзо расте кредитната изложеност на банките кон секторот население по основ на овие кредитни производи, а 75% од таквата кредитна изложеност не е обезбедена. Целта на ваквата прудентна мерка на Народната банка е да се димензионира кредитниот ризик за банкарскиот сектор, кој што произлегува од овие кредитни производи, на прифатливо ниво. Се очекува оваа мерка да ја забави натамошната кредитна експанзија со вакви карактеристики, а може да влијае и во насока на извесно намалување на инфлаторните притисоци што доаѓаат од страната на побарувачката.

НБРМ уште еднаш потсетува дека намалувањето на стапката на инфлација бара соодветен придонес и од страна на другите пазарни учесници.

Кабинет на гувернерот

Monday, March 3, 2008

До

Јавните медиуми Скопје, 28.02.2008 година

С О О П Ш Т Е Н И Е

од

ДЕНЕШНАТА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА НАРОДНАТА БАНКА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Советот на Народната банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.

Со денешната седница, Советот на Народната банка го заокружи процесот на донесување на подзаконската регулатива согласно со новиот Закон за банките. Имено, во пропишаниот законски рок од девет месеци од денот на донесувањето на Законот за банките, Советот на Народната банка усвои вкупно 21 одлука со која се регулира основањето на банките, нивното работење, како и начинот на вршењето на супервизијата од страна на Народната банка. Во тие рамки, на денешната седница на Советот на Народната банка беа усвоени и следните одлуки:

Одлуката за управување со ризиците, со која се пропишуваат основните стандарди за управување со кредитниот ризик, пазарниот ризик, оперативниот ризик, валутниот ризик, ликвидносниот ризик, стратегискиот ризик и репутацискиот ризик на банките. Притоа, во Одлуката се предвидува обврска за банките за донесување на стратегија и соодветни политики за управување со ризиците, како и воспоставување соодветна организациска структура со јасно дефинирани надлежности и одговорности при преземањето и управувањето со ризиците.

Одлуката за условите и постапката за спроведување на планот за рехабилитација и планот за пренос на средства и обврски, која се применува на банка во која е воведена администрација. Со планот за рехабилитација на банка во администрација се предвидуваат активности за подобрување на нејзината финансиска состојба, со цел таа да продолжи да работи. Наспроти ова, доколку не постојат услови за подобрување на нејзината состојба, Одлуката предвидува можност, пред да се одземе нејзината дозвола за основање и работење на банката, да се изврши пренос на дел или сите нејзини депозити, кредити и друг имот и обврски во друга банка во Република Македонија. Со овој механизам се очекува да се зголеми ефикасноста при излезот на банка од банкарскиот систем. Воедно, целта е граѓаните и другите економски субјекти да можат слободно да располагаат со сопствените депозити и средствата врз основа на користените кредити, наместо тие да бидат доверители и должници во стечајната или ликвидациската постапка на банката.

Одлуката за управување со ликвидносниот ризик на банките, со која подетално се пропишуваат стандардите за управување со ликвидносниот ризик, како еден од позначајните ризици во работењето на банките. Согласно со Одлуката, секоја банка е должна, најмалку на годишна основа, да врши тестирање на ликвидноста во различни услови - стрес сценарија, со цел да се утврди нивното влијание врз ликвидноста на банката, да се подготви банката за работа во вонредни услови, како и да се оценат можностите за нејзин натамошен раст.

Одлуката за лимитите на изложеност, со која подетално се утврдува начинот на пресметка на дозволените лимити на изложеност на банката спрема одредено лице и лицата поврзани со него врз основа на одобрени кредити, купени хартии од вредност и капиталните делови кои банката ги има во тоа лице и лицата поврзани со него.

Одлуката за начинот на вршење на супервизија и надзор со која детално се уредува опфатот и содржината на супервизијата и надзорот преку кои се оценува сигурноста, стабилноста и усогласеноста на работењето на банките со прописите.

Одлуката за начинот на утврдување на поврзани лица, со која подетално се уредуваат случаите и условите под кои две или повеќе лица се сметаат за меѓусебно поврзани.

Одлуката за сигурноста на информативниот систем на банка, со која се пропишуваат стандарди на банките, кои треба да обезбедат зголемена безбедност и повисок степен на интегритет на нивните информации и податоци. Со оваа Одлука, Народната банка за прв пат воведува сигурносни стандарди во однос на електронското банкарство.

Советот ги разгледа и усвои Годишната сметка на Народната банка на Република Македонија за 2007 година, Финансиските извештаи изготвени во согласност со Меѓународните стандарди за финансиско известување и Извештајот на независниот ревизор Прајсвотерхаускуперс дооел Скопје за Финансиските извештаи на Народната банка на Република Македонија. Според мислењето на независниот ревизор финансиските извештаи на Народната банка на Република Македонија даваат вистинска и објективна слика на финансиската состојба, финансиската успешност и паричните текови за 2007 година.

На денешната седница, Советот на НБРМ ги разгледа движењата во македонската економија од почетокот на годината. Беше констатирано дека годишната стапка на инфлација во јануари 2008 година изнесува 8,7%, што главно се должи на повисоките цени на исхраната со придонес од 78%. Притоа, инфлацијата без исхраната изнесува 3,2%. Исто така беше констатирано дека продолжува растечкиот тренд на депозитите и кредитите на банкарскиот сектор и во јануари. Така, вкупните депозити на банките во јануари 2008 година во однос на истиот месец од претходната година се повисоки за 28,8%, при истовремен пораст на вкупните кредити на банките кај приватниот сектор за 39,9%. Воедно, согласно најновите податоци за движењето на платите во економијата, евидентно е дека продолжува нивниот раст, при што просечната исплатена нето плата по вработен во декември 2007 година на годишна основа номинално е повисока за 12,2%, а реално за 5,7%. Советот констатира дека движењата на девизниот пазар се стабилни, дека Централната банка располага со соодветно ниво на девизни резерви кои гарантираат одржување на стабилноста на девизниот курс. Со состојба на 15.02.2008 година бруто девизните резерви достигнаа ниво од 1.522 милиони евра. НБРМ сеопфатно ги следи и анализира движењата во економијата и во зависност од натамошниот тек на цените и движењата на финансиските пазари, освен веќе преземените мерки, доколку е потребно ќе преземе и дополнителни заради стабилизирање на инфлациските очекувања.

Кабинет на гувернерот